Петровска : Горда сум на припадниците на Армијата и вработените во Министерството, во процедура е новото законско решение за вработените

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во емисијата Click Plus на ТВ21 истакна дека е исклучително горда на припадниците на Армијата и вработените во одбраната за кои рече дека се вложуваат и професионално и лично за тоа што денеска претставува Армијата. По донесувањето на измените во Законот за служба со кои се направи голем исчекор во статусот на припадниците на Армијата, министерката информираше дека во владина процедура е Законот за вработени во одбраната и дека со ова законско решение значително ќе се подобрат условите на вработените во Министерството за одбрана.

„Јас сум горда на припадниците на македонската Армија, коишто навистина вложуваат не само професионално, туку и лично во тоа што е денеска македонската Армија и навистина тие заслужуваат пофалби. Навистина тоа го заслужува секој еден припадник на македонската Армија, но и вработените во Министерството за одбрана кои исто така заслужуваат да имаат  подобрен статус и подобри услови и за работа”, рече министерката.

Петровска истакна дека Законот за вработени во одбраната е ново законско решение со кое значително ќе се подобрат условите на вработените во Министерството за одбрана .

„Вработените во одбраната по секој параметар се одговорни заедно, се разбира Армијата има една улога, меѓутоа тие се одговорни за градењето на системот на одбраната на државата во делот на политиките, во делот на менаџирањето, а во сегашните услови и во поглед на нивното вработување, унапредување па ако сакате и во поглед на нивните плати и одредени бенефиции коишто се нужни да ги имаат за да можеме да го градиме кадарот понатаму, не се доволни”, порача министерката.

За новите измени во Законот за служба во Армијата, министерката рече дека тие се во првична фаза на консултација со Генералштабот, во еден инклузивен процес вклучени се и синдикатите, а целта е да се изнајде решение за одредени слабости кои искуствено се воочени.

Треба да знаете
Последни објави