Доисплатена е платата во „Еуроникел индустри”, а Синдикатот очекува одговори од раководството за понатамошното работење на фабриката, изјави Миле Ѓорѓиев, претседател на синдикалната организација.
– Денеска беше исплатен остатокот на платата од септември месец и очекуваме, без разлика дали со старото, или со ново раководство, во најскоро време да се седне и да се разговара за иднината на фабриката. За обезбедување руда и производство и зголемување на платите, рече Ѓорѓиев.
Пред неколку дена вработените во „Еуроникел индустри”, поранешно „Фени”, мирно протестираа барајќи одговор на неколку отворени прашања, што, како што нагласија, го доведуваат под знак прашалник работењето на комбинатот.
– Во меѓувреме, струјата што се должеше од фабриката е платена. Повторуваме дека станува збор за гигант со околу 800 работници, значаен субјект за кавадаречката и македонската економија, подвлече вечерва Ѓорѓиев.