„Добрата вест е што за неколку месеци од денес ќе имаме влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која во еден четиригодишен мандат преку децентрализација на средства од централниот буџет кон општините планира да реализира помеѓу 20 и 22 милиони евра инвестиција овде во Ѓорче Петров“ изјави вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при неговата посета.
Речиси и да нема посета на Мицкоски каде тој од позиција на претседател на опозициска партија не ветува „куфери пари“ за општините раководени од градоначалници од неговата партија.
Вчера во Ѓорче Петров вети 22 милиони евра за четиригодишен мандат, за Битола ветени се дури 46 милиони евра, за Гази Баба 36, за Велес четири години по осум милиони, односно 32 милиони евра, општина Аеродром 11,5 милиони евра, а нешто поскормно поминуваат малите општини како Зелениково и Ново Село каде Мицкоски ќе помага со два односно со четири милиони евра за проекти.
Досега, Мицкоски на овој начин за неколку месеци „подели“ над 100 милиони евра за општините раководени од локална валст на ВМРО-ДПМНЕ.
Ниту Мицкоски ниту градоначалниците кажуваат како ќе се обезбедат и на што ќе се потрошат овие силни износи на финансиска поддршка, но очигледно дека Мицкоски е убеден дека за неколку месеци лично тој ќе управува со државниот Буџет, па уште неседнат во премиерската фотелја, без никакви предзнаења за состојбата на буџетот и буџетските проекции, пред своите градоначалници без проблем го одврзува „државното ќесе со пари“.