Во текот на вчерашниот ден Советот на ЕУ покажа единство и се надевам дека таков став ќе манифестира и на денешното продолжение кога треба да разговараме за многу важни теми од економијата и од надворешната политика, како за поддршката на Украина и за состојбите на Западниот Балкан и регионот на Сахел, но и за претстојниот Самит за климата и за миграцијата, изјави денеска претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел пред почетокот на вториот ден на Самитот на ЕУ во Брисел.
– Ќе го одржиме и Евро самитот, кој е од фундаментална важност за сите нас за да ја осигуриме европската конкурентност, која ќе може да ги заштити нашите работни места ширум ЕУ, да ја развива економија и да го искористи справувањето со климатски промени за поттикнување на економскиот раст, рече Мишел.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, тој додаде дека лидерите на ЕУ веќе потврдија оти ќе ја поддржуваат Украина се додека биде потребно, но сега ќе се разговара за начините за зајакнување на таа поддршка и за можностите за зголемување на притисокот врз Русија.
– Поддршката за Украина е од исклучителна важност и затоа сите треба да сфатат дека Украина не се бори само за својата иднина и територија, туку и за нашите вредности и принципи, истакна Мишел.
Во однос на најавите од Унгарија и Словачка за барање за ограничување на помошта за Украина, Мишел потенцира дека сите одлуки на Советот се носат едногласно по исцрпна дискусија и важно е на крајот да се манифестира единство како што беше случај на вчерашниот ден во врска со ставовите за состојбата на Блискиот Исток.
Мишел повтори дека на вчерашниот првиот ден од Самитот, Советот ја реафирмираше осудата на Хамас и на неговиот терористички напад врз израелската држава и население, како и правото на Израел да се брани во согласност со меѓународното право и со меѓународното хуманитарно право, но ја нагласи и итната потреба за справување со сериозно влошената хуманитарна ситуација во Газа и за отворање на хуманитарни коридори.
Ноќеска по полноќ по завршувањето на првиот ден од Самитот на ЕУ во Брисел, Мишел истакна дека лидерите имале многу добра и суштинска дебата за „стратешките ориентации поврзани со ситуацијата на Блискиот Исток“.
– Таа дебата беше можност да размислиме како можеме да дејствуваме и да реагираме во неделите и месеците што доаѓаат. Тоа беше дебата која го истакна силното единство на Европскиот совет, порача Мишел, додавајќи дека е важно да се искористат сите можни мерки за гарантирање на пристапот до опрема, храна, вода, струја, лекови за цивилното население.
Затоа, според него, ЕУ мора да биде исклучително ангажирана за воспоставување хуманитарни коридори и хуманитарни паузи, за да се овозможи помошта да стигне до оние на кои им е потребна.
– Хуманитарниот аспект е и решителноста да се дејствува во врска на заложниците. Има многу заложници, вклучително и европски заложници, а многу лидери се во близок контакт со регионалните актери, кои се обидуваат да посредуваат за да овозможат ослободување на заложниците. Уште еднаш потсетуваме на повикот сите заложници да бидат ослободени без одлагање и безусловно, додаде Мишел.
Тој истакна на средбата била потенцирана важноста ЕУ да остане посветена на мировното решението за Блискиот Исток со моделот за две држави, принцип што блокот ќе го поддржува на меѓународна мировна конференција што треба да се одржи наскоро.
Според него, во целокупната ситуација за Европската Унија е важно да се ограничи овој конфликт и да се избегнеме регионална ескалација или дестабилизација, бидејќи последиците од тоа можат да се одразат и врз ЕУ.
– Важно е да се работи на превенција и одлучно да се спротивставиме на антисемитизмот, говорот и ставовите засновани на омраза, на исламофобијата и на сите форми на дискриминација, порача Мишел.
Првиот човек на Европскиот совет нагласи дека е важно и да се работи на гарантирање на безбедноста колку што е можно повеќе и во таа насока најави дека министрите за внатрешни работи на членките на ЕУ веќе работат на одреден број „оперативни координации“ поврзани со безбедносното прашање.
– Европскиот совет уште еднаш покажа капацитет да го потврди единството и да испрати порака до европските граѓани, но и до остатокот од светот, која се заснова на нашите вредности, на нашите договори и на нашите основни принципи, порача Мишел по завршувањето на првиот ден од Самитот на ЕУ.