Прва средба на работните групи за барањата на јавнообвинителската и судската служба, следната недела нов состанок

Заврши првата средба меѓу претставниците на Синдикатот на УПОЗ и Владата за барањата за зголемување на платите за 78 проценти и враќање на додатоците на плата за вработените во јавнообвинителската и судската служба. Следната недела треба да се одржи нова средба на која Синдикатот на УПОЗ очекува конкретен предлог од Владата. 

– Одговор на нашите барања конкретен не добивме. Очекуваме тоа да биде наредната недела и кога ќе добиеме понуда, таа ќе ја пренесеме на нашето членство кое ќе одлучи понатаму дали ќе ја прифати или не и дали ќе продолжиме со штрајкот, изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски по средбата во Владата. 

Покрај барањата, како што посочи Деаноски, разговарале и за висината на моменталните плати.

 – Се договоривме наредната недела да се достават уште неколку податоци, особено за судовите. Тоа ќе го направи Министерството за финансии. Ќе се сретнеме во вторник или во среда уште еднаш за да видиме дали од спротивната страна ќе добиеме конкретна понуда за нашите барања, нагласи Деаноски и додаде дека побарале разговорите да завршат за 10-тина дена.

Штрајкот, како што изјави, ќе трае додека да добијат одговор од Владата. Дотогаш, ќе се работат само итните предмети.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој присуствуваше на денешниот состанок, вчера во интервју за телевизија Канал 5 рече дека е оптимист дека ќе најдат заедничко решение.

Треба да знаете
Последни објави