Данската влада вчера предложи закон според кој палењето на копии од Куранот на јавни места ќе стане казниво со закон, но законот беше изменет во споредба со оригиналната верзија. „Предлог-законот конкретно таргетира содржини кои се од суштинско значење за верската заедница“, соопшти данското Министерство за правда, пренесува дански „Политикен“.
Данскиот министер за правда Питер Хумелгард рече дека е важно законот да биде многу прецизен. „Одлучивме да го адаптираме законот, тоа го направивме врз основа на консултации со полицијата и поради стравот дека оригиналната верзија на законот ќе биде премногу тешко да се спроведе во пракса“, рече Хумелгард.
Во новиот предлог-закон, измената се состои во правење разлика меѓу предмети од религиозно значење и списи од религиозно значење. Новиот предлог-закон е насочен кон сквернавење на списи од религиозно значење, додека првата верзија на законот предвидуваше дека се однесува на сквернавење на сите предмети од религиозно значење.
Данска, но и Шведска имаа проблем од почетокот на годината бидејќи противниците на исламот запалија и оштетија неколку примероци од Куранот, што предизвика гнев кај муслиманите ширум светот.