Во Дагестан се приведени 83 лица кои учествувале во масовни немири на аеродромот во Махачкала, соопшти Главната управа на Министерството за внатрешни работи на Руската Федерација за Севернокавкаскиот федерален округ.
„Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата на ФСБ и Истражната управа на Русија за Република Дагестан ја продолжуваат истрагата со цел да се идентификуваат и апсат организаторите и учесниците на масовните немири на аеродромот во Махачкала. Во моментов се приведени 83 лица кои учествувале во незаконски активности“, се вели во соопштението.
Според извештаите, полицијата извршила повеќе од 50 претреси, одземена е канцелариска опрема и телефони, за кои се вели дека се докази за вмешаност на поединци во организирање и учество во масовни немири.
Во неделата група жители на Махачкала упаднаа на тамошниот аеродром откако слета авион од Тел Авив. Како што претходно беше соопштено, криминалците најверојатно ги барале пристигнатите државјани на Израел, по што започнале немирите.
Министерството за внатрешни работи на Руската Федерација претходно соопшти дека за масовните немири е покрената кривична постапка и дека се идентификувани над 150 активни учесници, од кои 60 се приведени.