Денеска, (30.10.2023) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски имаше поздравно обраќање на завршниот настан на заедничкиот проект на Обединетите нации на тема “Миграциски дискурс, политика и планирање базирано на докази”, поддржан од мулти-партнерскиот фонд за миграција на Обединетите нации, а имплементиран од Меѓународната организација за миграции – ИОМ, Високиот Комесаријат на Обединетите нации за бегалци – УНХЦР и Фондот за население на Обединетите нации, под супервизија на Канцеларијата на Постојаниот координатор на Обединетите нации во Северна Македонија. Целта на заедничкиот проект е да ги поддржи националните институции во подобрување на управувањето со демографската миграциска динамика во земјата.
Свои поздравни обраќања покрај министерот Оливер Спасовски, имаа и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, како и Постојана координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија, Росана Дуџиак.
Спасовски истакна дека имплементацијата на активностите во рамки на овој значаен проект придонесе кон искористување на низа алатки и механизми кои се развија преку собирање на податоци за миграцијата и обезбедување на клучни информации за креирање на соодветни политики и планирање.
„Сево ова имаше свој придонес во донесувањето одлуки за обезбедување навремени, сигурни, достапни и споредливи податоци за миграцијата и состојба на населението кое мигрира, со што се добива реална слика за состојбата со миграцијата и планирање и истиот помогна да се надмине недостатокот на податоци за креирање на политики врз основа на докази беше идентификуван како еден од главните предизвици во националните стратешки документи. Овде би сакал да истакнам само неколку од достигнувањата во рамки на проектот како што е изработката на новата Резолуција на миграциска политика 2021-2025 година која што беше усвоена од страна на Собранието во декември 2021, развој на Миграцискиот профил на Северна Македонија 2021 година и Индексот за управување со миграциите и изготвување на Предлог за измени и дополнувања на Правилникот за стандарди за прием на баратели на азил”, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека во рамки на проектот се унапредија техничките капацитети на институциите за прибирање и размена на податоци од областа на управувањето со миграциите како и спроведување на обуки за градење на капацитетите на меѓуресорското тело за развој на миграциска политика.
Спасовски потенцираше дека заедничкиот проект кој се имплементираше во изминативе три години даде значаен придонес во процесот на исполнување на условите за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија и потребата од усогласување со релевантните стандарди на ЕУ, вклучително и регулативата на ЕУ 862/2007 за статистика на миграцијата на заедницата и меѓународна заштита.
„Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи со својот проактивен и отворен пристап, остануваат да бидат активен и кредибилен партнер во бројни меѓународни и регионални платформи, иницијативи и процеси. Во делот на миграцијата, главен приоритет на МВР е одржување и продлабочување на меѓународната соработка со земјите од регионот, со земјите на транзит и со земјите на потекло, како и со агенциите на ЕУ, ОН и други релевантни меѓународни организации”, рече Спасовски на крајот од своето обраќање, упатувајќи честитки до сите учесници во овој проект, националните партнери и проектниот тим за одличната работа, за успешно спроведување на активностите и достигнувањата во рамки на проектот.
„Според најновите податоци во Миграцискиот профил на Северна Македонија 2021 година, вкупниот број на македонските државјани што престојуваат надвор од Северна Македонија е речиси 700.000 лица, што претставува повеќе од една третина од вкупното население во земјата. Од клучно значење е да се продолжи со зајакнување на соработката со дијаспората преку креирање на мрежи и нивно одржување, подобрување на достапните услуги и перспективи за соработка, трансфер на знаења и вештини. Активно учествувавме во изработката на најновата Резолуција за миграциска политика 2021-2025 година која е усвоена од Собранието во декември 2021 година; во обезбедувањето на релевантни информации и податоци за Миграцискиот профил на Северна Македонија 2021 година и Индексот на управување со миграцијата 2021 година”, истакна министерката Тренчевска, додавајќи дека на нивно барање во 2021 година беа изработени и „Предлогот за измени и дополнувања на Правилникот за стандарди за прием на баратели на азил” и „Прирачникот за начинот на спроведување на програмата за интеграција на лицата на кои им е одобрен азил”.
Од страна на Постојаната координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија, Росана Дуџак беше истакнато значењето на придонесот на програма за напредокот на државата.
„Многу сум среќна што можам да кажам дека силното партнерство меѓу ОН, Владата, Народната банка, Заводот за статистика и граѓанското општество резултираше со нови и револуционерни пристапи и иновативни решенија во развојот на миграциската политика во земјата. Оваа заедничка програма даде значаен придонес за напредокот на Северна Македонија кон постигнување на целите за одржлив развој”, истакна Дуџак.