За една деценија речиси преполовен бројот на бруцоши во Албанија

Од 2011 година до оваа академска година, бројот на студенти кои се запишале во прва година на некој од факултетите во Албанија е намален за 43 отсто, што е последица на намалениот наталитет и имиграцијата на младите.

-Демографските случувања предупредуваат дека во наредната деценија повторно ќе имаме преполовување на бројот на студенти. Падот на наталитетот и имиграцијата фокусирана на младите се очекува да условат вкупниот број на запишани во прва година да биде околу 10.000 во 2033 година а вкупниот број студенти не повеќе од 50-60.000, од околу 120 илјади колку што беа во претходната година, наведува весникот „Монитор“.

Во анализата што ја прави весникот, во 1950 година Албанија имала само еден универзитет на кој студирале 300 студенти и имало вкупно 13 предавачи, две децении подоцна, во 1970 година, пет универзитети, со 26 илјади студенти, а во 1990 година, биле вкупно осум универзитети со 27 илјади студенти и академско тело со 1806 предавачи.

Најголем број студенти е регистриран во академската 2013-2014 година, кога бројот на студенти достигна повеќе од 176 илјади, во над 24 универзитети, дел од нив приватни.

Во оваа нова 2023/2024 академска година во јавните и приватните високобразовни институции во земјата вкупната бројка на бруцоши е околу 20 илјади бруцоши, од вкупно 28 илјади завршени средношколци. Многу мал број од матурантите образованието го продолжуваат во странство, одреден број ја бараат можноста за вработување тука, но поголемиот процент иднината ја гледаат во некоја од западноевропските земји.

Треба да знаете
Последни објави