Пратеничката на СДСМ Даниела Колева во емисијата „Топ тема” на телевизија Телма нагласи дека ЕУ испрати јасни и недвосмислени пораки дека ЕУ е отворена за нас како држава, меѓутоа тука треба да се спроведат реформите, потребни за државата да ги исполни тие услови, со нивна поддршка.
ЕУ испрати и една јасна порака дека е потребно сите политички партии заеднички да се придвижиме напред, но претходно да ги донесеме уставните измени како услов, којшто е очигледен за да може заеднички сите да ги изгласаме, за да може да се отвори првиот кластер „Фундаменти” до крајот на оваа година, рече Колева.
Пратеничката Колева нагласи дека поддршката од ЕУ за сите граѓани е многу јасна и очигледна.
Веќе добивме 80 милиони евра поддршка од ЕУ во време на најголемиот ценовен шок. Најавени се нови 100 милиони ерва поддршка, но има и отворени фондови од 8 милијарди ерва коишто ќе може да ги искористиме понатаму, истакна Колева, додавајќи дека заеднички мора да се спроведе економскиот план, во четири столба, кој го презентираше претседателката на ЕК, Фон дер Лајен.
Членството во ЕУ е стратешка цел, ова е надпартиско прашање, се работи за иднината на нашите деца, време е политичките поени да се тргнат на страна. Поблиску до ЕУ не сме биле никогаш досега. Пратениците носат голема одговорност, апелирам опозицијата да се вразуми, нагласи Колева, додавајќи дека државата не треба да се става во залог заради некои неконзистентни и променливи ставови.
Во текот на изминатите неколку години претседателот на ДПМНЕ покажа едно несериозно однесување. Во текот на еден ден или една седмица по неколку пати менуваше изјави, прво побара да бидат поставени неколку услови, ДПМНЕ предложи резолуција која беше прифатена, побара Влада без ДУИ, ја доби, па ја одби, поканет на безброј средби, но не се појави на ниту една од нив. Сега имаат нова покана и пак не прифаќаат. Еден ден даде изјава дека САД е наш најголем стратешки партнер, а истиот ден изјави дека Ескобар дошол да врши тортура и притисок врз опозицијата. Ова е знак на несериозност за еден политички лидер”, посочи пратеничката на СДСМ Даниела Колева во емисијата „Топ тема” на телевизија Телма.