Утврдувањето на точната причина за смртта на актерот Метју Пери во неговиот дом ќе бара дополнителна истрага пред да се донесе конечен заклучок.
Обдукцијата била завршена во неделата, според Одделот за форензички испитувања на округот Лос Анџелес, а се чекаат резултатите од токсикологија.
Патологот го ажурираше својот онлајн запис за Пери во неделата попладне, наведувајќи дека официјалната потврда за причината за неговата смрт е одложена.
„Во случаите кога причината за смртта не може да се утврди во текот на обдукцијата, ќе се издаде одложена потврда додека не се завршат дополнителните анализи,“ се наведува во упатствата на патологот од Лос Анџелес.
„Извршена е обдукција, но вештаците ги чекаат резултатите од токсиколошките извештаи за да ја утврдат причината за смртта на Пери“, изјавија од Одделот за форензика за Си-ен-ен. Ваквите извештаи може да траат со недели.
Вештаците планираат да користат токсиколошки извештаи за да утврдат дали некои супстанции можеби придонеле за смртта на Пери.
Одделот за грабежи и убиства на полициската управа во Лос Анџелес ја истражува смртта на Пери, но извор од органите за спроведување на законот изјави за Си-ен-ен дека не постои сомневање за присилна смрт, односно убиство.
Според „Лос Анџелес тајмс“, кој цитира извори од органите на редот, Пери (54) бил пронајден мртов во својата када. „Нема очигледни знаци на траума,“ потврди портпаролот на полицијата во Лос Анџелес.