Директорот на ФБИ, Кристофер Вреј предупреди дека акциите на Хамас на Блискиот Исток може да инспирираат други терористички напади, вклучително и од насилните екстремисти во САД.
„Оценуваме дека акциите на Хамас и неговите сојузници ќе послужат како инспирација каква што не сме виделе откако ИСИС го започна својот таканаречен калифат пред години“, рече Вреј во сведочењето пред Комитетот за внатрешна безбедност на Сенатот на сослушувањата фокусирани на заканите за Америка, објави NBC News.
Вреј, кој сведочеше заедно со секретарот за домашна безбедност Алехандро Мајоркас и други официјални лица, рекоа дека повеќе странски терористички организации повикаа на напади против Американците и Западот само во последните неколку недели.
„Овде, во Соединетите Држави, нашата најнепосредна загриженост е дека насилните екстремисти – поединци или мали групи – ќе црпат инспирација од настаните на Блискиот Исток за да извршат напади против Американците кои го вршат нивниот секојдневен живот“, им рече тој на сенаторите. „Тоа ги вклучува не само домашните насилни екстремисти инспирирани од странска терористичка организација, туку и домашните насилни екстремисти кои ги таргетираат еврејските или муслиманските заедници“.
Вреј рече дека ФБИ минатата недела уапси маж во Хјустон кој проучувал како да прави бомби и објавил на интернет за неговата поддршка за убивање Евреи. Директорот на ФБИ, исто така, го истакна бруталното убиство на 6-годишно муслиманско момче во Илиноис претходно овој месец, кое неговата агенција го истражува како злосторство од омраза.
ФБИ, продолжи тој, има „повеќе, тековни истраги“ за луѓе поврзани со Хамас.
„Во крајна линија, ние ќе продолжиме да правиме се што е во наша моќ за да го заштитиме американскиот народ и да ги поддржиме нашите партнери во Израел“, рече тој. „Заштитата на Американците од заканата од тероризам е и останува наш приоритет број 1“.
Вреј рече дека еврејските заедници се цел на екстремисти „ширум спектарот“, вклучително и домашни насилни екстремисти и странски терористички организации.
Евреите во Америка трпат „нешто околу 60 отсто од сите злосторства и инциденти од омраза врз основа на религија“ и покрај тоа што претставуваат само околу 2,4 отсто од американската јавност, рече Вреј, цитирајќи владина статистика.