Блинкен и Остин ќе го убедуваат Сенатот да ги обезбеди бараните од Бајден 106 милијарди долари за Украина и Израел

Двајца први соработници на американскиот претседател Џо Бајден, државниот секретар Антони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин, денеска ќе се обидат да ги убедат сенаторите дека најдобар американски интерес е за Украина и Израел да обезбедат милијарди долари и покрај огромниот буџетски дефицит и поделбите околу политиките на неговата администрација кон овие земји.

Блинкен и Остин ќе сведочат пред сенатскиот Комитет за доделување средства за барањето на Бајден од 106 милијарди долари за финансирање на амбициозните планови за безбедноста на границите на Украина, Израел и САД.

Тврдејќи дека поддршката за американските партнери е клучна за националната безбедност, Бајден побара 61,4 милијарди долари за Украина, од кои приближно половина ќе бидат потрошени во САД за обновување на залихите на оружје исцрпени од претходната поддршка за Киев. Тој побара уште 14,3 милијарди долари за Израел, девет милијарди долари за хуманитарна помош, вклучително и за Израел и Газа, 13,6 милијарди долари за безбедност на американската граница, четири милијарди долари за воена помош и владино финансирање за да се спротивстави на регионалните напори на Кина во Азија. 

Од почетокот на руската инвазија врз Украина, на 24 февруари 2022 година, американскиот Конгрес веќе одобри околу 113 милијарди долари.

Демократите, како и многу републиканци во Сенатот, каде што демократите имаат мнозинство, најмногу ја поддржуваат стратегијата на Бајден за комбинирање на помошта за Украина со поддршката за Израел.

„Ова е моментот за брза и решителна акција за да се спречи натамошната загуба на животи и да се наметнат реални последици врз тираните кои го тероризираа народот на Украина и Израел, рече вчера лидерот на републиканците во Сенатот Мич Меконел во Универзитетот во Луисвил.

Но, републиканците кои го водат Претставничкиот дом се противат на комбинирањето на овие две прашања. Анкетите покажуваат дека јавната поддршка за помошта за Украина се намалува, а многу републиканци, особено оние блиски до поранешниот претседател Доналд Трамп, се изјаснија против тоа.

Треба да знаете
Последни објави