Големиот долг на Онкологија почнал да се создава во 2021, а најголем бил лани во ноември

Големиот долг на Клиниката за радиотерапија и онкологија почнал да се создава во 2021 година, кога изнесувал околу 394.721.263 денари, а уште позначајно се зголемил во 2022. Највисокиот износ бил 823.185.746 денари во ноември минатата годна кога сегашната в.д. медицински директор д-р Виолета Клисарова ја презела функцијата.

Во 2018 година, како што рече, Клиниката имала околу 231 илјада денари долг, во 2019 година околу 355 илјади денари, а во 2020 долгот изнесувал 94.357.707 денари.

-Најголема причина за ова прогресивно зголемување на долгот мислам дека е поради набавката на лекови кои не се на позитивната листа, надвор од тековно одобрените буџети соодветно по годините. Големиот долг наследен од претходно дополнително ја усложнува состојбата на Клиниката и ја става во повеќе судски спорови, дополнителни трошоци за камати и за дел од нив веќе имаме правосилни судски пресуди, рече Клисарова на сведочењето на седница на собраниската Анкетна комисија.

Намалувањето на долгот почнало лани во декември со одобрени средства од ФЗОМ за исплата на долгови, во тенденција е на опаѓање и во јули годинава бил речиси преполовен односно 474 675 492 денари.

За 2023 година, рече, имаат повисок буџет и се внимава на месечните нарачки на лекови да бидат во рамки на одобрени 12-тинки т.е. месечнини, иако има и отстапувања поради нарачки. Постојано, рече, се во координација со ФЗОМ и прават постојан притисок за дополнителни средства 

-Новиот годишен тендер за условен буџет е активен од мај 2023 и по само 20 дена се воочи дека има поголемо исцрпување на количините и опасност дека ќе ја исцрпиме количината од предвиденото, рече д-р Клисарова.

Ја објасни и процедурата за набавка на лековите која треба да биде во рамки на ограничениот буџет, балансирајќи притоа и за доброто на  пациентите и, како што рече, да бидат чисти пред законот. 

За да се испланира реалната потреба, комуницира со раководителите на 12-те оддели кои се поделени според примарното потекло на малигната болест и секој треба да ги определи потребите според потребите на пациентите – одреден лек, број на пациенти, дозирање на лековите. Кога сите оддели ќе достават извештаи до неа, се прави сумарна табела со која се настапува во преговори за буџет. Како што рече, веледрогериите немаат удел кога се утврдува реалната потреба за секој лек одделно. Потребни се и околу 20 отсто над реалните потреби што ќе ги изразат докторите од одделите на Онкологија. 

-Секој менаџер предвидува дополнителни 10 до 15 отсто зголемување од реалната потреба зашто од година во година имаме зголемување од 10 до 15 проценти на нови пациенти. Исто така, и уште барем пет проценти да бидат зголемени количините за сите непредвидливи ситуации што можат да се случат од икс причини, рече Клисарова во Собранието. 

Потоа го чекаат одобрувањето на буџетот – доколку е помал од она што го планирале тука, рече, настанува проблем и тоа со години се провлекува. Лимитираните финансиски средства, како што рече, свесно ги става во ситуација да намалат нешто што реално им треба.

Смета дека надлежните институции треба да го реформираат финансирањето на здравствениот систем.

Во јануари 2023 година на Клиниката за радиотерапија и онкологија и е одобрен вкупен буџет од 1.719.200.000 денари, поделен на основен и условен. Во мај годинава, Клиниката добила дополнителни 60 милиони за основен буџет и околу осум милиони денари за корекција на минимална плата, како и дополнителни 120 милиони денари за условен буџет во септември. 

-Во овој момент Клиниката има 1.907.170.009 денари. Со ваков буџет менаџирањето е полесно од претходните години, но иако цифрите се големи и зголемувањето е значајно, за жал и овој одобрен буџет не ја покрива реалната потреба на Клиниката, рече д-р Виолета Клисарова, в.д. медицински директор на Онкологија. 

Треба да знаете
Последни објави