Ердоган: Турција е подготвена да преземе одговорност за безбедносниот механизам во Газа

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција е подготвена да преземе одговорност во случај да се воспостави регионален безбедносен механизам поради тековните израелски напади врз Газа.

„Сметаме дека е неопходно да се создаде нов безбедносен механизам во соработка со регионалните актери. Турција е подготвена да преземе одговорност доколку се преземе таков чекор“, изјави Ердоган пред новинарите по владината седница, пренесува „Дејли Сабах“.

Тој рече дека Израел извршил злосторства против човештвото во изминатите 25 дена, со поддршка на Соединетите Американски Држави и Европската унија, истакнувајќи дека Турција води разговори за да се осигура дека сторителите на воените злосторства во Газа ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

Ердоган ги критикуваше и западните земји за нивното соучесништво во, како што рече, воените злосторства на Израел.

„Западниот свет, главно европските земји, уште еднаш ја промашија лекцијата за хуманост во Газа. Оние кои денес ја следат смртта на илјадници деца од Газа, нема да имаат кредибилитет за ништо што би можеле да кажат утре на која било тема“, рече Ердоган.

Како што наведе тој, турските власти истражуваат начини да ги изведат злосторствата извршени од Израел врз палестинските цивили пред Меѓународниот кривичен суд (МКС).

Турција не е потписник на Римскиот статут, меѓународниот договор врз основа на кој е основан МКС.

Меѓутоа, според членот 15 од тој документ, обвинителот може да покрене истраги по сопствена иницијатива (proprio motu) врз основа на информации за злосторства во надлежност на судот, за да може Турција да информира за злосторства извршени од израелската влада.

Доказите за воени злосторства вклучуваат употреба на бомби од бел фосфор што Израел ги фрли врз Палестинците, гаѓање болници, училишта, бегалски кампови, џамии и цркви, како и отфрлањето на Израел на резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации за хуманитарен прекин на огнот, известува порталот.

Треба да знаете
Последни објави