ЕУ ги отвори вратите, реална и остварлива е целта до крајот на оваа декада да ги завршиме преговорите и да станеме членка на ЕУ, од нас зависи дали ќе станеме членка или самите ќе се блокираме, рече во интервју за Националната телевизија (МТВ) секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ.
-Посетата на претседателката на ЕК Фон Дер Лајен е одличен показател дека навистина има вистински момент и дека навистина има желба од страна на ЕУ да отвори портите за нови членки од нашиот регион. Пораките беа јасни дека одиме напред со едно добро темпо во она што го работиме и во реформите и во другите потфати. И секако дека имаме уште многу недостатоци кои треба да ги исправиме во текот на преговарачкиот процес. Дека успешно го завршивме процесот на скринингот, односно сме пред негово завршување пред почетокот на декември и дека ни останува обврската за завршување на Уставните измени. Тоа во никој случај не го загрозува нашиот идентитет македонски, ниту нашиот јазик туку само треба да ја фатиме оваа шанса затоа што таа прилика ќе им биде понудена и на други држави во регионот но тие нема да ја пропуштат, рече Маричиќ.
Во овој контекст навистина е тешко да им се објасни на граѓаните зашто не сакаме ние да го продолжиме нашиот пат со преговорите и патот на ЕУ и дали навистина вреди само со внесување на неколку заедници во Уставот, во преамбулата вклучувајќи ги и Бугарите дали навистина вреди да си ја блокираме сопствената држава. Јас сум сигурен дека не, додаде тој.
-Ќе дојде момент кога навистина опозицијата ќе треба да одговори, дали навистина сакаме самите да се блокираме и останеме во тунелот на неодредено време, да ја смениме категоријата на држави во која се наоѓаме. Ние сме сега во категорија на држави кои што преговараат со ЕУ, такви се Србија, Црна Гора, ние и Албанија. Ние со недонесување на оваа одлука многу скоро во декември може да се најдеме во категорија на држави кои што имаат блокиран европски пат како што се Косово и БИХ, држави кои што имаат сериозни системски проблеми и држави кои што не се знае дали и кога ќе станат членки на ЕУ. Јас сум сигурен дека ќе преовлада разумот, убеден сум дека уште сега дека дел од пратениците на опозицијата ќе ја сфатат тежината на одговорност што ја носиме сите и ќе ја донесеме оваа одлука заеднички затоа што придобивките ќе бидат за сите граѓани, рече Маричиќ.