Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје издаде наредба за обдукција на телото на 79 – годишна жена која почина откако повеќе од 10 дена беше хоспитализирана по семејно труење со домашна храна во Скопје. Претходно, по истиот настан почина 47-годишна жена, додека 55-годишниот маж е пуштен на домашно лекување.
Починатите жени се снаа и свекрва. Во домашни услови во скопска Кисела Вода, свекрвата подготвувала пита со праз, од која со труење заврши синот.
„Надлежниот јавен обвинител работи на утврдување на причините за труењето. Од домот на семејството се подигнати 20-тина различи траги за кои е издадена наредба за вештачење. Исто така, издадена е наредба за обезбедување на медицинските истории на тројцата пациенти. Се преземаат и други дејствија“, се вели во соопштението од обвиниотелството.
Од обвинителството додаваат дека работат само врз основа на токсиколошки анализи и други вештачења, но нагласуваат дека тие анализи сеуште не се готови.