Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Шпанија, Луис Рубиалес (46) најави денеска дека ќе поднесе жалба на тригодишната забрана за вршење функции во фудбалот која во понеделникот му ја изрече ФИФА откако без нејзина согласност ја бакна в уста репрезентативката Џенифер Ермосо (33).
Рубиалес преку социјалната мрежа „Х“ порача дека ќе оди „до последната инстанца за правдата да излезе на виделина и да засјае вистината“.
Инцидентот се случи на доделувањето на златните медали по финалето на неодамнешното Светско првенство во кое Шпанија ја совлада Англија во финалето со 1-0.
ФИФА на 24 август отвори дисциплинска постапка против Рубиалес, а вчера му изрече тригодишна суспензија во шпанскиот и меѓународниот фудбал, оставајќи му рок од десет денови да поднесе жалба на одлуката.