Блинкен прекинат од антивоени демонстранти во излагањето пред сенатскиот комитет за буџет

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, и министерот за одбрана Лојд Остин, во име на администрацијата на претседателот Џо Бајден, денеска побараа од Конгресот да дозволи распределба на нови милијарди долари за Украина и Израел, додека расправата пред сенатскиот Комитет за буџет постојано беше прекинувана од демонстранти кои ги обвинија американските власти за поддршка на „геноцидот“ врз Палестинците во Газа.

Блинкен и Остин пред комитетот кажаа дека Белата куќа сака 106 милијарди долари за спроведување на амбициозните планови поврзани со Украина, Израел и безбедноста на границите на САД. Нивниот главен аргумент беше дека поддршката за сојузниците на Вашингтон е клучна за американската национална безбедност.

Двајцата министри истакнаа дека 61,4 милијарди долари се наменети за Киев, при што со речиси половината од нив ќе се надополнат американските резерви со оружје. Останатите средства вклучуваат 14,3 милијарди долари за Израел, девет милијарди долари за хуманитарна помош за Израел и Газа и четири милијарди долари за активности поврзани со спротивставување на растечката моќ на Кина во Азија.

Набргу по почетокот на седницата, група демонстранти во еден од редовите на салата ги кренаа рацете обоени во црвено во знак на протест против воените акции на Израел во Газа. Подоцна полицијата на Капитол ги изведе надвор, а додека заминуваа, демонстрантите извикуваа „Моментален прекин на огнот!“ и „Заштити ги децата од Газа!“.

Блинкен пред комитетот кажа дека американската помош за Украина ја претворила руската инвазија во „стратешки неуспех“. Тој, исто така, ја истакна важноста на воената поддршка за Израел, како и хуманитарната помош за Палестинците во Газа.

Меѓутоа, се чини дека и натаму не е сигурно дека овој финансики план на претседателот Бајден ќе се протурка, забележуваат американските медиуми. Демократите цврсто стојат зад стратегијата на претседателот да ја комбинира помошта за Украина со онаа за Израел, но републиканците во Конгресот се поделени. 

Треба да знаете
Последни објави