Автобускиот превоз во град Скопје е редуциран. Така велат патниците. Нема доволно автобуси, а посебно се појавува проблем на приградските линиите, а најакутно е со линијата на број 16.
Причината според граѓаните е немањето возачи во ЈСП. Од друга страна, дел од вработените во ЈСП кои ни дадоа информација, велат дека причината е немањето резервни делови за автобусите кои често се расипуваат.
Проблемот се очекува да ескалира по Нова година. Неофицијално, приватните превозници, кои ги покриваат „дупките“ на другите линии, или дел од нив, ќе побараат од градот Скопје измена на одлуката за наплата на превозот, односно ќе побараат покачување на вредноста по извозен километар. Во моментов приватниците добиваат по 61,5 денари за поминат километар.
Последното истражување кое е направено од страна на професори од сообраќајниот факултет, покажува дека реалниот трошок по километар изнесува 235 денари. Со овие пресметки се очекува пред Нова година приватниците да побараат средба со Градоначалничката Данела Арсовска и со претседавачот на Советот, Трајко Славески.
Средбата ќе биде направена со цел да се зголеми цената по километар, но и да се договорат детали за поефективна наплата. Сега приватниците повторно две месеци немаат добиено пари од ЈСП. Проблемот е во легислативата донесена од страна на Коце Трајановски, поранешниот градоначалник на Скопје и Советот, кои донеле одлука, градот да биде само корисник на превозните услуги.
ЈСП Скопје ќе биде фирмата која ќе ја врши наплатата, а покрај ЈСП превозот ќе го вршат и приватни превозници.
Овој магичен круг, според експертите по патен сообрајќај, секогаш ќе ги остави патниците и приватните превозници во немилост на разно – разни, партиско политички превирања. Според нив, ова е најверојатно избрзана одлука која е донесена тогаш без студиозно разгледување на проблематиката.
Професорите од сообраќајниот факултет кои ја следат оваа проблематика, сметаат дека „БРТ транспортот“ кој беше предложен од претходниот градоначалник Петре Шилегов, би ја смирил топката, но според нив, сега е доцна. Тие сметаат дека во оваа криза, воведувањето на трите долги линии комбинирано со бројот на возачи и возила кои ги има ЈСП, би биле доволни да ги задоволат т.н. кратки линии, да го зголемат бројот на автобуси од почетните до собирните станици и потоа да се продолжи патот кон крајната дестинација.
Игор Мицкоски