Форум за Стратешкиот дијалог меѓу САД и Северна Македонија се одржал денеска во Даут-пашиниот амам, во организација на Македонско-американската алумни асоцијација (МААА). Високи претставници од Владата на Северна Македонија и од Стејт департментот на САД, како и членови на МААА, дискутирале за можностите и за начините за понатамошно промовирање на Стратешкиот дијалог, кој е фокусиран на продлабочување на билатералното партнерство.
На форумот, соопштија од Министерството за култура, воведни забелешки дале американската амбасадорка во нашата земја, Ангела Агелер и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, а во дискусијата се вклучиле и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, како и претседателката на МААА, Верица Јорданова, и други членови на оваа алумни асоцијација.
Пред присутните се обратиле и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која се осврнала на инцијативите и активностите од областа на културата поврзани со Стратешкиот дијалог со САД.
Костадиновска-Стојчевска потенцирала дека Договорот за стратешки дијалог со САД е исклучително важен документ, кој многумина го сметаат за еднакво важен како и преговорите за членство во Европската Унија. Како што нагласила министерката за култура, овој договор не само што отвори ново квалитативно поглавје, туку нашите билатерални односи добија уште пореална, опиплива, инспиративна и, особено за нас, силна културна и идентитетска закрила и уважување.
– Особено ме радува што денеска можам да кажам дека културата е многу понапред во реализацијата на својот дел од задачите од Акцискиот план од другите сектори опфатени со Договорот, потенцирала Костадиновска-Стојчевска, која, како што стои во соопштението, своето тврдење го поткрепи со неколку факти.
Таа посочила дека во изминатиот период, интензивно се работело на исполнување на сите предуслови што треба да ни обезбедат согласност за потпишување Меморандум за разбирање меѓу Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија за воведување ограничувања за увоз на археолошки и етнолошки материјали, односно предмети. Костадиновска-Стојчевска изразила очекување од партнерската страна во Дијалогот да даде свое видување и потоа да биде финализирано потпишувањето на Меморандумот.