Во конфликтот помеѓу Израел и Хамас убиени се 34 новинари, соопшти денеска организацијата Репортери без граници (РСФ).
Организацијата оценува дека „постои можност двете страни да извршиле воени злосторства“.
РСФ апелира до Меѓународниот кривичен суд (МКС) да ги истражи убиствата на новинарите.
– Обемот, сериозноста и повторувањето на злосторствата против новинарите, посебно во Газа бараат приоритетна истрага од страна на обвинителите на МКС, изјави генералниот секретар на РСФ, Кристоф Делоар.
Во тужбата поднесена од РСФ се наведува дека од почетокот на војната „намерно, целосно или делумно се уништени простории на повеќе од 50 медиуми во Појасот Газа.
Тоа е трета тужба на РСФ од 2018 година во која се наведуваат воените злосторства против палестинските новинари во Појасот Газа.
Претходно, Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) повикува на итна истрага за смртта на новинарите, почитување на меѓународните закони, при тоа потенцирајќи дека злосторствата против новинарите не смеат да останат неказнети.
ИФЈ ги потсетува новинарите на терен да преземат мерки на претпазливост, да носат професионална безбедносна опрема и да не патуваат без нивните медиуми да им ја обезбедат целата професионална безбедносна опрема потребна за покривање на настаните.