Министерот за надворешни работи Бујар Османи, на покана на германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, утре ќе престојува во работна посета во Сојузна Република Германија, каде што ќе учествува на министерската конференција „Проширена, посилна Унија”, организирана од Сојузното министерство за надворешни работи.
Како што соопшти МНР, Османи ќе има обраќање во воведниот дел на конференцијата, заедно со министрите за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, на Шпанија, Џозе Мануел Албарес, на Словенија, Тања Фајон и на Украина, Дмитро Кулеба.
Министерската конференција, чија цел е размена на мислења во однос на подготовеноста на Унијата за проширување и на идните земји членки за членство во ЕУ, се одржува непосредно пред Европската комисија да го објави својот пакет за проширување заедно со извештаите за земјите, кои ќе дадат препораки за конкретни чекори за кои ќе одлучува Европскиот совет во декември.
На маргините на конференцијата, Османи ќе оствари бројни средби со свои колеги од земјите членки на ЕУ и од регионот.