Блинкен ќе побара од Израел кратка хуманитарна пауза во нападите во Газа

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе ја повика израелската влада да се согласи на краток прекин на воените операции во Газа за да се овозможи безбедно ослободување на заложниците и дистрибуција на хуманитарна помош, соопшти денеска Белата куќа.

Како што пишува „Њујорк тајмс“, оваа најава дојде откако американскиот претседател Џозеф Бајден во средата откри дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно се согласил накратко да го прекине гранатирањето на 20 октомври за да можат двајца Американци да бидат евакуирани од Појасот Газа. Блинкен во петок ќе пристигне во втора посета на Израел по избувнувањето на војната со Хамас, откако на 12 октомври ја посети таа земја, а со него во Ерусалим ќе пристигне и новоименуваниот американски амбасадор во Израел, Џек Лев.

Претставниците на Белата куќа тврдат дека барањето за кратки паузи е сосема различно од целокупниот прекин на огнот, за кој администрацијата на Бајден верува дека ќе му користи на Хамас со тоа што ќе му дозволи да се опорави од интензивното израелско бомбардирање.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, претходно оваа недела изјави дека САД се залагаат за, како што рече, „локализирани хуманитарни паузи“. „Она што го кажавме треба да се разгледа и истражи се привремени локализирани хуманитарни паузи за да се овозможи помошта да стигне до одредени популации и можеби дури и да помогне во евакуацијата на луѓето кои сакаат да заминат, да се преселат во јужниот дел на Газа. Ние тоа го поддржуваме. Ние не поддржуваме прекин на огнот во овој момент“, рече Кирби

Треба да знаете
Последни објави