Научниците открија канабидиол, познат како CBD, соединение од канабис, во растение плевел што расте во Бразил. Ова откритие отвора нови можности за производство на оваа се попопуларна супстанција.
Тим научници открија CBD во плодовите и цветовите на растение познато како Trema micrantha blume, грмушка која расте низ Бразил и се смета за плевел, изјави за АФП молекуларниот биолог Родриго Моура Нето од Државниот универзитет во Рио.
Канабидиолот се повеќе се користи за медицински цели, за ублажување на состојби како што се епилепсија, хронична болка и анксиозност. CBD е едно од главните активни соединенија во канабисот, заедно со тетрахидроканабинол или THC – супстанца што ги тера корисниците да се чувствуваат еуфорично. Ефективноста на ова соединение како медицински третман сè уште се истражува.
Нето рече дека хемиската анализа покажува дека „трема“ содржи CBD, но не и THC, што ја отвора можноста за користење како нов извор на канабидиол. Во овој случај, нема да има правни и регулаторни пречки како во случајот со канабисот, кој сè уште е забранет во многу земји, вклучително и Бразил.
„Ова е легална алтернатива за употребата на канабис. Тоа е растение кое расте низ Бразил. Тоа би бил поедноставен и поевтин извор на канабидиол“, рече тој.
Нето, кој сè уште не ги објавил своите резултати, планира да го прошири истражувањето за да ги идентификува најдобрите методи за извлекување на канабидиол од растението и да ја анализира неговата ефикасност кај пациенти со состојби кои моментално се лекуваат со медицински канабис, пишува Science Alert.
Неговиот тим неодамна доби грант од бразилската влада за финансирање на истражувањето, кое ќе трае најмалку пет години. Студиите проценуваат дека глобалниот пазар за канабидиол е речиси 5 милијарди долари со тенденција да порасне на повеќе од 47 милијарди долари до 2028 година, првенствено поради употребата на здравјето и благосостојбата.