Пејачот на „Аеросмит“, Стивен Тајлер, обвинет во нова тужба за сексуален напад

Пејачот на „Аеросмит“, Стивен Тајлер се соочува со ново обвинение за сексуален напад, со тужба поднесена денес во Њујорк во која се тврди дека малтретирал 17-годишна девојка за време на средба во 1970-тите.

Детали беа објавени денес во магазинот Ролинг Стоун, кој вели дека Жана Белино, поранешна детска манекенка, наводно претрпела „постојана емоционална вознемиреност“ и други состојби откако сега 75-годишниот музичар ја пипкал и бакнувал против нејзина волја.

Тајлер, чиј бенд моментално ја изведува својата проштална турнеја низ САД, веќе се соочува со една тужба. Поднесена минатата година во Калифорнија, таа тужба наведува на сексуален напад и напад на малолетник во врска со неговата врска со Џулија Холкомб Мисли, тогаш 16.годишна, во период од три години во истата деценија.

Според Ролинг Стоун, Белино била тинејџерка која работела на модна ревија на Менхетен во летото 1975 година, кога еден пријател договорил таа да се сретне со Аеросмит во блискиот хотел. Во тужбата се наведува дека Тајлер сексуално ја нападнал двапати во текот на единствениот ден кога биле заедно.

Тужбата на Белино, која бара неодредена отштета, го наведува „родово мотивираното насилство“ како причина за постапката, според Ролинг Стоун.

Иако наводните инциденти се случиле пред повеќе од половина век, во тужбата се тврди дека Белино „страдаше и ќе продолжи да страда, дека доживеала тешка и трајна емоционална вознемиреност, физички манифестации на емоционална вознемиреност, срам, понижување, физички, лични и психолошки повреди“.

Исто така, тврди дека била „хоспитализирана и лекувана како резултат на инцидентот“ и дека сè уште зема лекови сега „за да се справи со сексуалниот напад и претрпела долготрајна физичка повреда поврзана со траумата“.

Треба да знаете
Последни објави