Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека битката во Газа е „на својот врв“ и дека израелските сили ја поминале периферијата на градот Газа.
„Ние сме на врвот на битката. Постигнавме импресивен успех и ја поминавме периферијата на градот Газа. Напредуваме“, соопштуваат од кабинетот на Нетанјаху, но, како што пренесува Би-Би-Си, во соопштението не се дадени дополнителни детали.
Израел претходно денеска го гранатираше бегалскиот камп Буриџ во центарот на Газа. Портпаролот на цивилната одбрана во Газа, Махмуд Басал, истакна дека е тешко возилата за цивилна одбрана и тимовите за итни случаи веднаш да пристапат и да ги расчистат урнатините. Десетици луѓе наводно се заробени под урнатините, а ударот создал голем кратер и сериозно оштетил околни згради.
Покрај тоа, одбранбените линии на Хамас во северниот дел на Појасот Газа продолжуваат да се уриваат, додека неговите членови се повлекуваат на југ кон центарот на енклавата. Според портпаролот на израелската армија Даниел Хагари, израелските војници продолжуваат да ги уништуваат одбранбените линии на Хамас на северот на Појасот Газа и да ја преземат контролата врз централните области.