Бочварски: Потребен ни е нов модел за изградба на патиштата

Моделот што моментно се применува при изградба на патиштата не ги дава посакуваните резултати и ги пролонгира финалните рокови, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој се обрати на вториот ден од Првата Конференција за патна инфраструктура што се оддржува во Охрид.

На панел дискусијата насловена како „Нов концепт за ефикасно градежништво“ освен министерот Бочварски се обратија и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, Џош Бејкер, претставник на компанијата Бехтел, Џанберк Атила, претставник на компанијата Енка и Михо Јаневски, заменик претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора.

Бочварски, како што соопштија од Министерството за транспорт и врски, ги потенцираше придобивките од воведувањето на новиот концепт на изградба на инфраструктурата на Коридорите 8 и 10-Д и истакна дека потребата од нов модел е одговор за развој на градежниот сектор, инфраструктурата и севкупно економскиот развој на државата.

-Со новиот концепт за изградба воведуваме паралелно проектирање и градење, каде заштедуваме доста време, наместо како што беше претходно, за да дојдеме до изградба, мораше да имаме проектирано 100 проценти од трасата. Наша цел е забрзување на изградбата на капиталните проекти, но тоа не значи дека нема да бидат квалитетни, напротив, контролните механизми на државата остануваат, тука највеќе се концентрираме на кратење на административните пречки. Ги забрзуваме процедурите, тоа е најважно, зошто видовме до сега како се одвива реализацијата на огромните капитални проекти. Убеден сум дека новиот концепт ќе го даде резултатот, проектите ќе се градат побрзо и граѓаните нема да ги трпат нервозите од задоцнување на изградбата. Овој модел ќе важи за сите државни патишта од национален интерес, не само за автопатите што ќе ги градат Бехтел и Енка, исто така за изградба на железници, гасоводи, ова е нешто кое државата го става на посебна лента од останатите помали проекти, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Треба да знаете
Последни објави