„Де факто признавање“ е паричката што Западот првенствено ја има наменето за премиерот на Косово, Албин Курти, пишува порталот Демостат, јави дописникот на МИА од Белград.
Како што соопшти Демостат „според толкувањето на познавачите на состојбите, на Курти ќе му биде полесно на домашен терен да објасни дека е неопходно конечно да се формира Заедницата на српските општини (ЗСО), која косовските власти и западната „петорка“ од ЕУ, САД, Франција, Германија и Италија ја нарекуваат „Заедница на општини со српско мнозинство“.
Изразот „де факто признавање на Косово“, кој деновиве често се споменува во српската јавност, не претставува ништо ново, ниту е знак дека Србија ќе се откаже од ставот дека Косово е нејзин составен дел.
Како што објаснуваат за Демостат извори од дипломатски кругови, Бриселскиот договор, потпишан во април 2013 година, претставува признавање на „новата реалност“ на Косово, бидејќи Србија, меѓу другото, се согласила општините со српско мнозинство на север да бидат интегрирани во Косовскиот правосуден систем.
Во изминатите десет години, Белград и Приштина усвоија низа договори во рамките на Бриселскиот дијалог под покровителство на ЕУ, вклучително и оние за телекомуникациите и енергетиката.
Веќе во јуни 2013 година двете страни разменија офицери за врска. Договорот за телекомуникациите му овозможи на Косово да добие шифра (+383). На крајот на јуни 2022 година, Белград и Приштина го прифатија „Патоказот за спроведување на енергетските договори во рамките на бриселскиот дијалог“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која оваа недела беше на „мини балканска турнеја“, во Приштина по разговорот со косовската претседателка Вјоса Османи изјави дека Косово треба да го прифати формирањето на ЗСО, додека Србија „де факто“ да го признае Косово.
Фон Дер Лајен во своето обраќање пред новинарите во Белград не е првата која го спомена терминот „де факто признавање“ на заедничката прес конференција со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, но како одговор на новинарско прашање, таа објасни дека тоа всушност значи спроведување на договорот постигнат во Охрид.
– За што се работи: имплементација на Охридскиот договор, кој предвидува различни чекори, кои вклучуваат признавање на документите и институциите на Косово од страна на Србија и што оди заедно со формирањето на ЗСО, што треба да го спроведе Косово, рече таа, повикувајќи ги Србите да го поддржат европскиот предлог за статутот на ЗСО, а Косово да го спроведе.