Според експертите, актуелната состојба со каматните стапки и моменталната состојба на пазарот е добра можност за инвестиции во компании кои имаат континуирана профитабилност, смета Коста Костадиновски, Инвестициски советник во „Капитал ассет менаџмент“.
„Според моето мислење, сега е добро да се вложува во акции со натпросечни дивиденди и акции од компании кои одржуваат континуирана профитабилност. Додека за клиентите кои не се подготвени да го преземат ризикот на вложувањето во акции им предлагаме вложување во обврзници, бидејќи моментално обврзниците носат повисоки приноси од банкарските депозити“, вели Костадиновски.
Претходно министерството за финансии ја објави новата аукција на државната обврзница со принос на годишно ниво од 5%. Според министерот Фатмир Бесими, ова е добра можност за вложување на средствата во овој финансиски продукт, бидејќи камата е за околу 2% повисока од каматата на комерцијалните банки.
„Во делот на обврзниците посебно би ги потенцирал атрактивните приноси во американски долар имајќи во предвид дека банките имаат исклучително ниски каматни стапки кај доларското штедење“, вели Костадиновски.
Последните информации кои можат да се извлечат од светските берзи велат дека инвеститорите купуваат американски и европски државни обврзници бидејќи неодамнешните одлуки за каматните стапки од ФЕД, Банката на Англија и Европската централна банка (ЕЦБ) оставија впечаток дека централните банки завршија со циклусот на затегнување.
Приносот на 10-годишниот трезор на САД се намали за повеќе од 0,25 процентни поени во последните 2 дена за да достигне 4,67%, додека 10 годишната обврзница во Обединетото Кралство беше намалена за 0,15 процентни поени на 4,35%, а германскиот еквивалент се намали за 0,05 проценти поени, на 2,7%, велат податоците од последните тргувања.
Дополнително од „Капитал ассет менаџмент“ велат дека во ситуација кога краткорочно граѓаните имаат слободни парични средства кои немаат идеја каде да ги насочат, најоптимално решение е паричен фонд.
Игор Мицкоски