Австралискиот премиер Албанес во посета на Кина

Премиерот на Австралија, Ентони Албанес денеска ја почна четиридневната посета на Кина, со цел да го потврди затоплувањето на билатералните односи по долгогодишните тензии поради економски и политички несогласувања.

Тоа е прва посета на австралиски премиер на Кина од 2016 година. „Среќен сум што пристигнав да го посетам Шангај, што е прва посета на австралиски премиер на Кина од 2016 година“, објави Албанес на мрежата Х (Твитер), заедно со снимката од неговото пристигнување.

– Среќен сум поради продолжувањето на дијалогот меѓу нашите две земји во наредните денови, објави Албанес на Икс.

Кинеското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека Албанес ќе се сретне со кинеските лидери и ќе „разменат мислења за билатерални, меѓународни и регионални прашања“.

– Кина е подготвена да соработува со Австралија и сака оваа посета да биде можност за подобрување на комуникацијата, зголемување на меѓусебната доверба, проширување на соработката, зајакнување на пријателството и поттикнување на континуирано зајакнување на билатералните врски. Здравите и стабилни врски меѓу Кина и Австралија се во согласност со основните интереси на двете земји и (двата) народи, изјави портпаролот на кинеското МНР, Ванг Венбин.

Односите меѓу Канбера и Пекинг се екстремно тензични откако Австралија повика на меѓународна истрага за појавата на коронавирусот, што првпат беше откриен во Кина кон крајот на 2019 година.

Кина во 2020 година за возврат ги зголеми царините за австралискиот увоз како јачмен, говедско месо и вино. Покрај тоа, Пекинг престана да купува големи количества суровини, вклучително и јаглен, поради што Австралија остана без приход од милијарда долари.

Откако лабуристите дојдоа на власт во мај 2022 година, многу царински давачки беа постепено укинати.

Пред пристигнувањето на Албанес, кинескиот амбасадор во Австралија, Ксијао Киан, истакна дека кинеско-австралиските врски се „на пресвртница“.

Треба да знаете
Последни објави