По најавата од премиерот Димитар Ковачевски за ревизија на договорот со кинеската Синохидро која го гради автопатот Кичево – Охрид веќе скоро десет години, а нема да го испочитува ниту дополнителниот рок за да финишира до крајот на годинава, претставници компанијата побарале за утре итна средба во Владата.
Премиерот Ковачевсвки во петокот најави ревизија на договорот за изградба на автопатот кон Охрид и додаде дека е можно да се раскине договорот, бидејќи „несфатливо е и по 10 години 40 – 50 километри пат да не се изгради“.
Рокот за завршување на работите на теренот со „Синохидро“ истекува на Нова година, иако завршени се само 78 отсто од работите за 600 милиони евра. Покрај премиерот, ревизија на договорот најави и вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека одлуката нема да биде нивна, туку на Владата имајќи ја предвид тежината на договорот.
Се чини дека проблемот не е во парите и можеби и не толку до интензитетот на работите на терен, туку во самата траса која минува низ десетина свлечишта што ја отежнува работата, а од министерството велат дека сметките со кинеската компанија се чисти.