Мирен и масовен собир со концерт пред грчкиот Парламент и марш до амбасадата на Израел во Атина, одржаа претпладнево синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија, како и разни левичарско ориентирани здруженија и организации, јави дописничката на МИА од Атина.
Собирот започна со говори и обраќања, меѓу кои и на амбасадорот на Палестина во Грција, продолжи со концерт, а демонстрантите од центарот на Атина и плоштадот Синтагма се упатија кон израелската амбасада.
Маршираа со слоганите „Слобода за Палестина“ и „Историјата има една правилна страна, со Палестина до слобода“ и со развиорени палестински знамиња.
Амбасадата на Израел беше под силно полициско обезбедување, а демонстрантите додека поминаа пред објектот извикуваа „Убијци“.
Паралелно, во протестот учествуваа и Палестинци кои живеат во Грција. Демонстрациите завршија мирно, без никакви инциденти.