Речиси 1200 домаќинства ќе добијат на своите сметки субвенции за сончевите термални колекторски системи кои ги поставија во своите домови. Министерството за економија го објави списокот на оние кои ги исполнија бараните услови по огласот распишан при крајот на април за субвенционирање на дел од трошоците за поставување соларни колектори во домаќинствата.
Со цел поголема примена на мерки за енергетска ефикасност и поголема искористеност на сонцето, Министерството за економија повеќе години наназад, секоја пролет распишува огласи за субвенционирање на домаќинствата, односно покривање на дел од трошоците кои ги имале за мерките применети во нивните домови.
Според огласот, оние кои поставиле системи за топла вода во своите домови во периодот од 20 април до крајот на јули, можеше да се конкурира за поврат на најмногу 30% од трошоците, но не повеќе од 15.000 денари за набавка на колектор, резервоар за топла вода и потребна инсталација, под услов да не биле претходно корисници на субвенции од Буџетот на РСМ.
Принципот за доделување субвенции беше „прв дојден- прв услужен“. Според расположливите средства на Министерството за оваа намена, субвенции добиваат 1195 домаќинства.
Останува Министерството за економија да ги објави и листите на добитниците на субвенции по другите три огласа распишани во исто време – за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминијумски прозорци, потоа за инсталирање на фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до 6 kW за сопствена потрошувачка за домаќинствата, како и за изработена проектна документација или извршен приклучок на систем за дистрибуција на природен гас.
За замена на старите прозорци субвенцијата изнесува до 50% од трошоците, но не повеќе од 20.000 денари, за инсталирани фотонапски централи – до 30% од трошоците, но не повеќе од 80.000 денари, а за мерки за приклучување на дистрибутивната мрежа за природен гас субвенцијата е до 70% од трошоците, но не повеќе од 25.000 денари.
Иако огласите предвидуваа списоците на добитниците на субвенции да бидат објавени најдоцна до 30 септември, од Министерството велат дека рокот не е запазен од причина што е дојден многу голем број на барања за секој од четирите огласи кои Комисиите требаше да ги обработат.