Адам Кадиров, 15-годишниот син на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, кој оваа година беше снимен како тепа затвореник во притвор, е назначен на највисоката позиција меѓу телохранителите на својот татко.
Еден од највисоките безбедносни функционери на Кадиров, Замид Чалаев, рече дека Адам е назначен за шеф на одделот за безбедност на чеченскиот лидер.
Сојузниците на чеченскиот лидер го пофалија Адам Кадиров, кој овој месец наполни 16 години, за неговата храброст и му честитаа на назначувањето.
Во септември помладиот Кадиров наиде на осуда од светот откога татко му објави видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како Адам удира и клоца затвореник обвинет за палење на Куранот.
Рамзан Кадиров, сојузник на Путин, тогаш изјави дека се гордее на својот син и дека го почитува Адам затоа што добил „возрасни идеали за чест, достоинство и одбрана на својата вера“.
Агенцијата РИА пред два дена објави дека Адам Кадиров во октомври ја добил титулата херој на Чеченија. Прес-службата на Рамзан Кадиров не одговори на барањето на „Ројтерс“ за коментар.