На вториот круг на локалните избори одржан во неделата Бугарија во целосна неизвесност ја следеше трката за градоначалник на Софија, во која најпосле победи Васил Терзиев, кандидат на коалицијата Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија. Тој ја доби трката пред Вања Григорова, која беше предложена од БСП и поддржана од неколку комунистички партии, русофили и националисти. Во проценти, тоа изнесуваше 48,19 наспроти 46,92 отсто. А во гласови само 4.500.
Васил Терзиев е познат ИТ претприемач и најавуваше дека со поддршка на советничката група на ПП-ДБ ќе ја трансформира Софија. Резултатот на Григорова, позната синдикалистка, е исклучителен, а според анализите на бугарските истражувачки агенции до него дошло и поради поддршка на огромен дел од гласачите на ГЕРБ во вториот круг. Претседателот на ГЕРБ, Бојко Борисов, во петокот ги повика неговите поддржувачи да гласаат за Терзиев (иако со тешко срце), но веројатно партиските канали сугерирале друго.
Ова е огромна победа за проевропските сили во Бугарија. Тие не само што го имаат новиот градоначалник на Софија, туку се и најсилната советничка група. ГЕРБ владееше со Софија 18 години. Покрај тоа, ПП-ДБ ќе управуваат со дури 19 од 24 реони на Софија. ГЕРБ ќе има само три, а на два се независни кандидати за градоначалници.
Од поголемите градови, ПП-ДБ ги освои и Варна, Благоевград и Пазарџик, а ГЕРБ, Пловдив, Велико Трново, Сливен, Бургас… ГЕРБ освои половина од регионалните градови и со тоа го зазеде местото на победникот. Никој друг во неделата не беше блиску до половина од неговиот успех. Но, овој резултат е премногу далеку од мапата на широко распространети победи во Бугарија, која Бојко Борисов им ја покажа на новинарите пред неколку години.
Среќни од резултатите може да бидат социјалистите од БСП. Исклучително сме задоволни од резултатите, изјави лидерката на БСП, Корнелија Нинова, вечерта на изборите. Таа рече дека партиските гласови како целина се зголемени за околу 50.000. „За нас ова е извонреден успех“.
Зборовите на Нинова доаѓаат во време на шпекулации за лоши односи меѓу неа и кандидатката за градоначалник на Софија, Вања Григорова, која беше номинирана од градската организација на партијата. Весникот „24 часа“, како и политиколози кои го коментираа првиот круг, сугерираат дека Григорова е потенцијален кандидат за лидерската позиција во БСП. Самата Григорова го демантираше тоа, велејќи дека не е ни член на партијата.
Еден од јасните губитници е партијата на крајните националисти Преродба. Во Советот на Софија таа ќе има тројца претставници, во Пловдив петмина, а во Варна, градот во кој Преродба има најопипливо присуство, партијата ќе има 7 членови на Советот на општината.