Хазири по средбата со Лајчак: Косово да не се казнува поради неспособноста на владата

Потпретседателот на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Љутфи Хазири, изјави дека опозицијата се држи во мрак во врска со нацрт-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство во Косово, предложен од Европската унија и Соединетите Американски Држави, јави дописникот на МИА од Приштина.

Хазири во изјава за медиумите по средбата што опозициските претставници ја одржаа со емисарот на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, истакна дека нацртот треба да ѝ се презентира на јавноста и опозицијата барем во општи принципи.

– Ја цениме изразената готовност (од страна на Лајчак) за споделување на време со ЛДК и опозицијата, и покрај тоа што и понатаму во оваа или онаа форма не држат во мрак, со необјавувањето на документот и непокажувањето транспарентност барем во општи принципи, рече Хазири.

Тој нагласи дека дијалогот е единствениот начин за решавање на проблемот и дека ситуацијата по 24 септември, кога се случи нападот врз косовската полиција во Бањска во северно Косово, е променета, но дека, според Хазири, Владата на Косово не успеала тоа да го искористи.

– Владата не успеа да го капитализира овој поволен политички амбиент, враќањето на имиџот на Косово. Ние ја истакнавме потребата од укинување на казнените мерки кон нашата држава и потребата Косово да не продолжува да се казнува поради слабостите на власта и неспособноста на Владата да изнесе политички ситуации во наш интерес, изјави Хазири.

Лајчак, кој вчера попладне допатува во ненајавена посета на Косово, објави дека со вицепремиерот и главен преговарач на Косово, Бесник Бислими, со кого се сретна синоќа, постигнал договор за следните чекори во дијалогот меѓу Приштина и Белград.

На неговата страница на платформата „Х“, европскиот емисар објави дека добил потврда од Приштина дека е подготвена да го продолжи дијалогот со Белград. 

Треба да знаете
Последни објави