Синдикатот на пристанишните работници од Барселона одби да товари и истовари каква било воена опрема во време на војната во Појасот Газа и повика на заштита на цивилите во конфликтните области, а минатата недела на сличен потег се решија и белгиските транспортни синдикати.
Одлуката на Синдикатот е во голема мера симболична и ги охрабрува другите шпански пристаништа да го следат примерот, изјави вчера секретарот на Синдикатот, Жозеп Марија Деоп.
Деоп рече дека организациите кои промовираат мир би можеле да му помогнат на синдикатот да открие кои контејнери содржат воена опрема, но не прецизираше за кои организации станува збор и дали би се согласиле да му помогнат на синдикатот во овие напори.
Пристанишната управа на Барселона одби да ја коментира одлуката на синдикатот, но рече дека нема информации за воени пратки.
Шпанија во првата половина од 2022 година извезла воена опрема во вредност од 1,3 милијарди евра, а според последните достапни податоци во Израел била извезена воена опрема вредна девет милиони евра.