Бројот на загинати цивили во Појасот Газа покажува дека нешто не е во ред со воените операции на Израел против милитантите на палестинското движење Хамас, изјави денеска генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
„Хамас прави прекршувања кога користи жив штит. Меѓутоа, кога ќе го погледнеме бројот на цивили убиени во воени операции, јасно гледаме дека нешто не е во ред“, рече Гутереш.
Според палестинските претставници, бројот на убиените во Појасот Газа сега достигна 10.569, а 40 отсто од нив се деца.
„Важно е да се разбере дека е спротивно на интересите на Израел што секој ден гледаме ужасни слики на Палестинци на кои очајно им е потребна хуманитарна помош. Ова не му помага на Израел од гледна точка на мислењето на меѓународната заедница“, рече Гутереш.
Тој додаде дека бројот на деца убиени во израелските операции во Појасот Газа може да се спореди со бројот на деца убиени во конфликти ширум светот за една година.
„Секоја година, бројот на убиени деца во сите конфликти на кои сме сведоци е најмногу неколку стотици. Илјадници деца се убиени во Газа за неколку дена, што значи дека нешто очигледно не е во ред со начинот на кој се спроведуваат воените операции“, рече генералниот секретар.
ОН работат на зголемување на хуманитарната помош доставена до цивилите во Појасот Газа.
Антонио Гутереш рече дека во изминатите 18 дена, само 630 камиони успеале да влезат во Појасот Газа од Египет преку граничниот премин Рафа, кој се наоѓа на границата на Египет со палестинската енклава.