Делегација на Собранието на Република Северна Македонија во состав од Арбер Адеми, претседател и Марија Петрушевска, член на Комисијата за европски прашања, денеска учествуваше на Конференција на тема „Парламентарната димензија на Берлинскиот процес“, што се оддржува во Берлин, на покана на претседателот на Комисијата за европски прашања во Германскиот Бундестаг, Антон Хофрајтер.
Како што информираат од собраниската прес-служба, на Конференцијата, на која присуствувале парламентарни делегации на комисиите за европски прашања на земјите од Западен Балкан, а чие оддржување се поклопува со денот на објавувањето на годишните извештаи за напредокот на земјите од ЗБ, се потенцира потребата за вклучување на парламентите од ЗБ во Берлинскиот процес, но и потребата за забрзување на процесот на проширување на ЕУ со земјите од ЗБ, како и на Украина, Молдавија и Грузија.
Претседателот на Комисијата Адеми имаше обраќање во Првиот панел посветен на „ЕУ-Институционални реформи во однос на пристапувањето на земјите од Западен Балкан и улогата на Берлинскиот процес и неговата парламентарна димензија“, во кое се осврнал на придобивките и предизвиците кои произлегуваат од Берлинскиот процес. Посочил дека Берлинскиот процес е важен за активно вклучување на парламентите во процесот, како корисна алатка за подигнување на нивото на политичка соработка и инфраструктурно и економско поврзување во регионот.
Пратеничката Марија Петрушевска во рамки на панелот посветен на „Заедничкиот регионален пазар – слободно движење и признавање на квалификациите“ истакнала дека проширувањето со земјите од Западен Балкан треба да биде предвидливо и притоа билатералните прашања да не бидат вклучени во преговарачкиот процес, односно земјите кандидатки да имаат обврска да ги исполнат Копенхагенските критериуми и да имаат оддржливи реформи во борбата против корупцијата и владеењето на правото.
Во рамките на Конференцијата излагања имале и претставници на Експертската француско-германска група, која го изработила Извештајот за институционални реформи на ЕУ, а кои се во насока на реализирање на потребните промени во ЕУ, со кои Унијата ќе се прилагоди на новите предизвици во иднина. Притоа, појаснија дека потребни се промени во институционалното одлучување во ЕУ, со цел едногласното одлучување за одредени прашања да биде заменето со квалификувано мнозинство, за да не се блокираат процесите со вето. На Конференцијата било истакнато дека има и предлози за прилагодување на Унијата за нејзино функционирање со идните земји членки. Било посочено дека во 2030-та година, ЕУ би требало да биде институционално подготвена да фукционира со 35 земји или повеќе.