Доколку не постигнат напредок во преговорите со посредство на ЕУ, Србија и Косово нема да можат да сметаат на средства од Планот за раст за Западен Балкан, што Европската комисија го усвои денеска, изјавија извори од Брисел, пренесе Бета.
По повод претставувањето на Пакетот за проширување за 2023 година, извори од ЕК денеска порачаа дека Србија и Косово треба да ја искористат можноста што им се дава со „испорачување“ на она што се очекува од нив.
Белград треба да придонесе за намалување на тензиите на северот на Косово, што вклучува учество на Србите на локалните избори во мнозинските српски општини, но и да го спроведе договорот од Охрид, односно де факто да ја признае независноста на Косово, велат изворите.
Заедно со нормализацијата на односите со Приштина, вториот главен услов за напредок на Србија во евроинтеграциите, според изворот, останува усогласувањето со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, што подразбира приклучување кон санкциите што Унијата ги воведе кон Русија поради нејзината агресија против Украина.
Иако Србија технички ги исполни критериумите за отворање на кластерот 3 во пристапните преговори со ЕУ, за да се случи тоа, неопходно е да се исполнат два главни услови – усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и напредок во процесот на нормализирање на односите со Приштина, наведуваат изворите од ЕК.
Европската комисија денеска го усвои Планот за раст на Западен Балкан, вреден шест милијарди евра, кој треба да придонесе за раст на економиите во регионот и забрзување на процесот на проширување на ЕУ.