Попладнево (13 ч.) на македонската фудбалска сцена ќе се одиграат четвртфиналните натпревари од Купот на Македонија, во кои осум прволигаши во пресметката без право на поправен ќе бркаат пласман во полуфиналето. Актуелниот освојувач на Купот на Македонија, тимот на Македонија Ѓорче Петров го пречекува Силекс кој пред две години се радуваше на трофејот од ова натпреварување.
Во Скопје, на стадионот „Бпорис Трајковски“ во Маџари ќе има градска пресметка меѓу Работнички и Шкупи. Чаирчани кои се лидери во првенствената трка неодамна во битката за бодови ги совладаа „романтичарите“ убедливо со 3:0.
Во Штип, Брегалница ќе го пречека новајлијата во прволигашкото друштво Воска. Штипјани се во лоша форма, а гостите од Охрид не знаат за пораз на последните пет меча во сите натпреварувања.
Во Кавадарци силите ќе ги одмерат Тиквеш и Брера Струмица.