Преминот Рафа меѓу Газа и Египет е затворен од безбедносни причини

Американскиот Стејт департмент денеска соопшти дека преминот Рафа меѓу Појасот Газа и Египет е затворен од безбедносни причини.

Портпаролот на Стејт департментот Ведант Пател не ја објасни точната причина за затворањето, но рече дека САД „очекуваат дека откако ќе се реши оваа околност, преминот ќе биде отворен во редовни интервали“, објави Ал Џезира.

Тој изјави дека тоа ќе биде направено за да продолжи испораката на хуманитарна помош во Газа и да се овозможи заминување на странски државјани од воената зона.

Претходно денеска првиот човек на Обединетите нации Антонио Гутереш се заложи за хуманитарен прекин на огнот со цел да се овозможи пристап на помошта до Појасот Газа и потсети дека во последните 18 дена само 630 камиони успеале да влезат преку граничниот премин Рафа од Египет.

Тој исто така рече дека ОН бараат да се користи граничниот премин Керем Шалом, кој е под контрола на Израел, рече Гутереш.

„Ние сме во интензивни преговори со Израел, САД и Египет за да се осигураме дека имаме ефикасна хуманитарна помош за Газа, бидејќи досега имаше премалку помош, која пристигна предоцна“, рече Гутереш.

Треба да знаете
Последни објави