За правото на Израел на самоодбрана, но и за тоа како ова прво се остварува и дека веќе е надмината неопходната мера, говореше меѓу другото, министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис на конференцијата „Циклус идеи“, јави дописничката на МИА од Атина.
За ситуацијата на Блискиот Исток, шефот на грчката дипломатија рече дека Грција беше присутна и во Каиро на Самитот со арапските земји, беше и во Израел за да изрази поддршка, но и да ја посочи границата до која треба да се придржува.
– Во прашањето што е вознемирувачко за сите нас, сликите што ги видовме од Израел и Газа, секако дека треба да го осудиме она што го видовме во терористичкиот напад на 7 октомври. Но, од друга страна, да прифатиме дека веќе е надмината неопходната мера во она што се случува и денес во Газа. Секако дека постои првото на самоодбрана, но важно е како ова право се остварува, истакна Герапетритис.
За грчко-турските односи изрази подготвеност за разговори и дијалог со Турција, но и позитивност и воздржан оптимизам, велејќи дека се движат чекор по чекор, а нивната желба е да може да се решат прашањата што постојат, за идните генерации „да имаат татковина која ќе биде побезбедна и соседство што ќе им обезбеди просперитет“.
Објасни дека во пристапот со Турција постојат шест основни принципи: да постои дијалог; да се почитува меѓународното право; прашањата поврзани со националниот суверенитет да останат вон агендата; да постојат гаранции за избегнување криза во случај на несогласувања; мирен период без тензии и промоција на мир и просперитет со храбри одлуки.