Во видео порака до студентите во Северна Македонија, министерката за одбрана Славјанка Петровска им порача дека тие се иднината на нашата земја и дека треба да ја искористат уникатната можност и да се пријават на Конкурсот за стипендирање на студенти од критичните специјалности за потребите на Армијата на Република Северна Македонија.
„Во младите е иднината! – не е само мисла која треба да остане запишана. Тоа е идеал кој го остваруваме. Се грижиме за младите кои ни се потребни за да можеме и во иднина да ја гарантираме одбраната на нашата држава. Навремено планираме и создаваме механизми за поддршка токму на младите”, рече министерката.
Со Конкурсот објавен на 3. ноември, Министерството нуди можност за стипендирање на студенти кои се образуваат во области кои се критична специјалност за Армијата, со средства во висина од 30% до 80% од просечната плата во државата во зависност од студиската година, а по завршувањето на образованието, тие ќе бидат во редовен работен однос во Министерството.
Конкурсот е отворен за сите студенти во Северна Македонија, во следните специјалности: систем инженери за информатичка технологија, систем инженери за база на податоци, инженер за ИТ безбедност, геопросторна поддршка, геодезија, геотехничко инженерство, географско – информационен систем, метеорологија, доктор на медицина, РТГ техничар, конструкција, мотор и системи на воздухоплови, инструменти, радиорадарска и електроопрема на воздухоплови.
„Свесни дека поддршката додека студирате е најважна, министерството за одбрана и македонската Армија ги отворија вратите за вас. Ве повикувам да се пријавите на конкурсот”, рече министерката во видео – пораката.