Повеќе од десетина компании регистрирани во Србија од почетокот на руската агресија врз Украина, од февруари 2022 до август 2023 година, извезувале производи во Русија, со што ги заобиколиле западните санкции против таа земја, јави дописникот на МИА од Белград.
Како што соопшти Радио Слободна Европа (РСЕ) третина од извезените стоки вредни повеќе од 50 милиони долари, според царинските ознаки се електронски компоненти кои се под санкции на ЕУ бидејќи можат да се користат во воената индустрија.
Врз основа на податоците од меѓународните трговски бази на податоци, РСЕ анализирала повеќе од 14.000 пратки кои пристигнале во Русија во овој период. Овие податоци покажуваат дека производите во вредност од најмалку 71,1 милиони долари биле испорачани преку српски компании, иако се работи за стока која е ставена на листата на високоризични производи и е под санкции наметнати од ЕУ и САД кон Русија, пишува РСЕ.
Како пример ја наведоа белградската компанија „Коминвекс“, која од почетокот на инвазијата на Украина до август 2023 година, за помалку од една и пол година во Русија извезла стока во вредност од над 140 милиони долари.
– Бројките зборуваат за голема трговска фирма, но на зградата каде што е регистрирана нема табла. Никој не одговара на домофонот или на ѕвончето пред вратата од станот, велат од РСЕ.
Од почетокот на војната во Украина, Србија не се согласи со ниту една одлука за санкции против Русија.
Повеќемесечната истражување на РСЕ открива како во таков вакуум, без законски ограничувања, некои српски компании заработиле милиони.
– Од друга страна, во Русија, приматели на стоката беа компании кои се под санкции, дури и на списокот на американската Канцеларија за контрола на странски средства за учество во синџирот на снабдување на руската воена индустрија, наведува РСЕ.
Се нагласува дека Србија со ова не ги прекршува сопствените правила бидејќи не ги почитува одлуките за санкциите на ЕУ кон Руската Федерација, но се наведува дека земја која не ги почитува одлуките за санкции може да биде казнета дури и со забрана на увозот на модерната технологија произведена на Запад.
РСЕ потсетува на зборовите на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој на крајот на 2022 година му порача на европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји дека „никој не може да ги заобиколи санкциите што ЕУ ги воведе кон Руската Федерација преку територијата на Србија, бидејќи Србија реагира и ги санкционира такви обиди“.