АХВ ќе изврши вонреден инспекциски надзор во сите училишта во Карпош каде „Ванила фуд“ доставува храна

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ќе спроведе инспекциски надзори во сите училишта на територија на општина Карпош каде фирмата „Ванила фуд“ доставува храна. 

– Превентивно, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведат вонредни инспекциски надзори во кујните на сите училишта во оваа општина кои со храна ги снабдува овој оператор, поточно и оние училишта каде нема потврдено случаи на заразени ученици со салмонела. По завршување на вонредниот надзор и по добивање на резултатите од лабораториските тестирања, јавноста ќе биде известена за резултатите и причинителот, информира директорот на АХВ, Николче Бабовски.

Претходно, Државниот здравствен и санитарен инспекторат соопшти дека во соработка со АХВ и Центарот за јавно здравје вчера спровеле вонреден инспекциски надзор во кујните во основните училишта „Владо Тасевски“ и „Димо Хаџи Димов“ и во магацинскиот простор на „Ванила фуд“, а во текот на денов со инспекцијата ќе бидат опфатени и училиштата „Јан Амос Коменски” и „Војдан Чернодрински”.

Во дел од училиштата на територија на Карпош се појавија девет случаи на ученици заболени од салмонела. Како што информираа вчера од Општина Карпош, учениците во петокот за појадок имале мекици без јајца, а за ручек спанаќ без месо со кисело млеко. 

Треба да знаете
Последни објави