Пратениците на Европскиот парламент денеска усвоија резолуција со која се бара затворање на „дупките“ во режимот на санкции на ЕУ против Русија и се укажува на увоз на руски нафтени деривати „на мала врата“, како и дека клучните компоненти за војната стигнуваат до Русија преку некои земји, вклучувајќи ја и Србија.
Европратениците изразија загриженост поради несоодветната примена на санкциите и обидите да се поткопаат напорите за стратешко слабеење на руската економска и индустриска база и намалување на нејзината способност да води војна.
Во Резолуцијата се укажува на избегнување на рестриктивни мерки од страна на Русија, но и на растот на увозот на Унијата на нафтени деривати направени од руска нафта од земји како што е Индија.
Пратениците, исто така, истакнаа дека критичните западни компоненти и натаму го наоѓаат патот до Русија преку земји како Кина, Турција, ОАЕ, Казахстан, Киргистан и Србија.
Тие изразија длабока загриженост поради тековната трговија со санкционирани производи клучни за војната меѓу ЕУ и Москва и поради извештаите дека земји како што е Азербејџан извезуваат руски гас како свој во Унијата.
Во текстот исто така се истакнува дека ЕУ сè уште е еден од најголемите купувачи на руски фосилни горива поради континуираниот увоз на гас од цевководи и ЛНГ (течен природен гас), како и разни исклучоци од забраната за увоз на сурова нафта и нафтени продукти.
Европратениците ги повикаа ЕУ и нејзините членки да го зајакнат и централизираат надзорот на спроведувањето на санкциите и да развијат механизам за спречување на затајување, се вели во соопштението на Европскиот парламент.
ЕУ исто така е повикана да ја зајакне примената на санкциите за извозот на руска нафта, да го затвори пазарот на ЕУ за фосилни горива од руско потекло и да воведе санкции за сите водечки руски нафтени компании, Газпромбанк, нејзините подружници и нивните управи.