Францускиот претседател, Емануел Макрон, денеска на отворањето на хуманитарната конференција за Појасот Газа, во Париз, повика на прекин на огнот меѓу Израел и палестинската група Хамас, пренесоа француските медиуми.
-Наша непосредна задача е да работиме за заштита на цивилите. Затоа итно ни е потребна хуманитарна пауза и мора да работиме на прекин на огнот, рече шефот на француската држава во говорот на големиот хуманитарен форум во Париз.
Претставници на околу 80 земји и меѓународни организации денеска се во „градот на светлината“ за да ја координираат помошта и да проценат како да им се помогне на ранетите во Појасот Газа, иако очекувањата за конкретни резултати се мали без договор за прекин на огнот, забележуваат британските медиуми.
На средбата учествува палестинскиот премиер, но не и претставник на Израел.
На форумот се присутни засегнати страни од регионот како што се Египет, Јордан и земјите од Персискиот залив, како и западните сили и членки на Г20, со исклучок на Русија.