На македонската фудбалска репрезентација следниве десет дена и претстојат последните два натпревара од квалификациите за Европското првенство 2024. Селекторот Милевски, на кого му завршува договорот по крајот на циклусот, остава простор за евентуално продолжување на соработката.
– Нашиот фокус сега е насочен кон претстојните натпревари со Италија и со Англија. Кога настапувате за националниот тим нема разлика дали играте со вакви репрезентации или со Малта или Украина. Секој мора да дава максимум. Формиравме тим кој го одликува позитивна енергија. Младите кои добија шанса ја оправдаа довербата. И тоа ме радува. Свесни сме колку тешки ќе бидат претстојните натпревари и колку ќе треба физички да се вложат нашите репрезентативци. Одиме да дадеме максимум. Што се однесува до евентуалното мое продолжување на селекторската функција, ќе кажам дека сум задоволен од условите во кои работиме. Две години и два месеца бев максимално посветен кон мојата работа и доколку добијам нов прифатлив договор со задоволство ќе останам, истакна Милевски.
Натпреварот на македонската репрезентација со Италија е закажан за 17 ноември во Рим, три дена подоцна во Скопје доаѓа Англија.